Предавање на тема „Балансирање на зачувување на животната средина и регионална/туристичка промоција на Охридското Езеро преку соодветно управување со местата на светското наследство“ ќе одржат јапонски експерти во среда на 2-ри февруари 2022 година, во организација на Амбасадата на Јапонија во Скопје и Амбасадата на Јапонија во Тирана заедно со ЏАЈКА Алумни – Мак-Јамс.
Предавањето ќе опфати искуства за зачувување на водата на езерото Бива во префектурата Шига во Јапонија, езеро старо над 4 милиони години и проценето како 13-то најстаро езеро во светот. И Охридското и езерото Бива се заштитени со закон и се на листата на светско наследство на УНЕСКО, информираат организаторите.
Своето знаење за јапонските искуства на овие теми ќе го споделат со учесниците на предавањето за Охридското езеро, професорот Јамасаки Масафуми и г. Ичики Шигеказу.
Воведен збор ќе имаат Амбасадорот Савада од амбасадата во Скопје и Амбасадорот Такада од амбасадата во Тирана. Настанот ќе го модерира проф. Ташко Ризов од Машински Факултет-Скопје и претседател на Мак-јамс.
Јапонија континуирано го поддржува развојот на капацитетите на македонските институции за третман на водите и животната средина преку програмите на ЏАЈКА (JICA). Во 2017 година Музејот на езерото Бива од Јапонија и Хидробиолошкиот институт од Охрид започнаа меѓусебна официјална соработка за двете езера.
OhridNews













