Македонската фудбалска арена “Филип II“ ќе биде инагурирана со мечот против Ирска. За македонските репрезентативци ќе биде вистинска чест и задоволство да го одиграат првиот натпревар пред полните трибини. Еве што очекуваат:


Ѓуровски: Да уживаме во фудбалот

За мене играњето на новата арена е само еден дополнителен мотив да се покажеме во добро светло. Мислам дека кај сите фудбалери е присутна таа желба и волја да се победи на домашен терен. Сметам дека немаме дополнителен притисок и само може да уживаме во фудбалот и да се надеваме дека ќе ги освоиме сите три бода.

Шумуликоски: Одлична можност за сефте

Одлична можност ќе биде за нас да ја сефтосаме новата фудбалска арена. Имаме одличен терен и со поддршка на публиката се надевам на три бода. Победата ни е повеќе од потребна за да се вратиме во трката за висок пласман. Македонија досега дома не играла натпревари на толку голем стадион, така што мислам дека атмосферата ќе биде прекрасна.

Пандев: Ќе го дадеме максимумот

Ова ќе биде првпат да играме пред вака полни трибини и мотивацијата ќе биде уште поголема. Ние сме доста искусна репрезентација. Иако имаме голем број млади играчи, навикнати сме да играме пред толкав број навивачи. Ќе го дадеме максимумот и сите на крајот заедно ќе се радуваме.

Попов: Очекувам жешка атмосфера

Сите репрезентативци имаат играно на вака големи стадиони и нема да има дополнителен притисок. Мислам дека ќе биде одлично стадионот да биде исполнет до последното место, очекувам атмосферата да биде жешка, а ние со добра игра ќе им се оддолжиме на навивачите. Арената во Скопје е една од најдобрите на Балканот.

Нурединоски: Фудбалски празник

Ниту една друга публика не може да се токми со домашната, особено кога се игра за репрезентација. Очекувам сабота да биде фудбалски празник, стадионот ќе биде полн и мислам дека ќе возвратиме со нашата игра и пожртвуваност. Ќе ги израдуваме сите тие луѓе што ќе дојдат да нé бодрат на стадионот, како и сите оние што ќе бидат покрај малите екрани и сите заедно ќе испишеме еден убав ден за македонската фудбалска историја

Савиќ : Огромен мотив

Голем мотив ќе биде да се игра на новиот стадион, пред 30 илјади гледачи , со голема помош од публиката би требало да земе три бода. Се надевам дека ќе добијам шанса и заедно сите ќе се радуваме на големиот успех – Душан Савиќ.

Ристовски: Прекрасен амбиент

Амбиентот очекувам да биде прекрасен, не ни малце несе ни многу, но кога е домашна сигурно дека мотивот е поголем и дека треба да се одигра максимално, за мене лично ќе биде голема чест да заиграм на новата арена и ќе го дадам максимумот.

Фото : Емилио
М.Постоловски