Кошаркарската селекција на Аргентина е првиот патник во полуфиналето на Мундобаскетот, кој се одржува во Кина. „Гаоучосите“ во четвртфиналето ја совладаа Србија со 97-87 (25-23, 29-26, 14-18, 29-20).

Србите, пред почетокот на СП, имаа големи амбиции и очекувања, и во фокусот беше дуелот со американските супер ѕвезди за златниот медал, но се` се изјалови прво против Шпанија а потоа со Аргентина, која одигра фантастичен натпревар во четвртфиналето.

„Сино белите“, доминираа во текот на целиот меч. Кошаркарите на Србија, констатно бркаа негатива а само во неколку наврати имаа минимално водство. Аргентинците на средината од последниот квартал го скршија отпорот на србите кои заостанаа десет поени на семафорот. До крајот ја задржаа предноста и забележаа победа вредна полуфинале и дуел со САД.

Незадржлив во аргентинскиот состав беше Факундо Кампацо кој постигна 18 поени и забележа неверојатни 12 асистенции, надополнети со 6 скокови. Најефикасен финишираше Луис Скола со 18 кошеви. Во селекцијата на Србија, најпрецизен заврши Богдан Богдановиќ со 21 поен.

OhridNews