Започнаа археолошките истражувањa на плоштадот „Крушевска Република“ со цел отпочнувањето на реализацијата на проектот за негова целосна реконструкција. Директорот на НУ Завод и Музеј Охрид, Мишко Тутковски вели дека согласно Законот врз основа на проектот кој го има Општина Охрид, мора да се извршат претходно археолошки истражувања на просторот.

Овие се всушност заштитни археолошки истражувања кои согласно Закон ние мораме да ги реализираме. Во рамки на тоа ќе се истражува дали има некакви остатоци кои треба да се зачуваат. На овој простор не биле вршени многу истражувања во минатото. Имало во 60-тите, 70-тите години од минатиот век неколку сонди, но тие се генерално околу плоштадот на граничните појаси. На некои места се откриени по некои ситни артефакти, некаде ништо, така да ќе видиме каква ќе биде ситуацијата, рече Тутковски.

Колку долго ќе траат истражувањата, вели Тутковски, неможе да се предвиди, зависи согласно состојбите, доколку нема концентрација на некакви археолошки остатоци ќе се заврши многу бргу, но доколку има во зависност дали станува збор за архитектура, некрополи, гробови, сигурно ќе потраат.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков во отчетот по повод 100 дена локална власт потенцираше дека во финална фаза е проектот за „Реконструкција на плоштадот Крушевска Република“.

Според Пецаков со неговата реконструкција граѓаните и туристите ќе добијат ново уредено катче.

Плоштадот „Крушевска Република“ ќе добие нов и модерен изглед. На плоштадот му е потребно дополнително уредување, треба да се постават канделабри и осветлување со лед светилки. Потребно е да се изгради фонтана, да бидат поставени садници и клупи, канти за отпадоци и друга урбана опрема во склоп на плоштадот, најави Пецаков во предизборната кампања.

Н.С.Ј.