Во досегашните археолошки истражувања на плоштадот „Крушевска Република“ кои ги спроведува НУ „Завод и музеј“ Охрид не е пронајден ниту еден движен археолошки материјал, освен монета од почетокот на 20 век.

Тоа што можеме да го констатираме е дека најдолем дел од оние откритија кои ги имаме досега таму се остатоци од модерни градби, вели директорот на националната установа „Завод и музеј“ – Охрид, Мишко Тутковски.

Не најдовме ниту еден движен археолошки материјал. Нема керамика, нема никакви остатоци засега, освен една монета која датира од 1913 година. Не станува збор за некакви археолошки откритија, кои во овој момент би биле значајни за стопирање на работите за реконструкцијата на плоштадот, изјави Тутковски.

На тој простор, посочи, дека имало стари туски гробишта, кои не биле во употреба, биле напуштени околу Втората светска војна. Имало ѕидана чешма, стари трансформатори и фурна, која ја паметат постарите жители на Охрид. Со уредувањето на тој простор, кога се пробивале улици и се отворала површината за да се направи пазар, па подоцна и плоштад се извршени голем број градежни зафати во кои најголем дел од тие остатоци од горните слоеви ги уништиле, рече Тутковски.

Археолозите во сегашните истражувања стигнале до повеќе од два метри длабочина, вели Тутковски, но нема апсолутно никакви археолошки наоди до таа длабочина.

Работиме сеуште, при крај сме, финализираме со последната сонда. Тоа што ќе биде како заклучок на крајот е дека нема никакво загрозување на археолошките остатоци, кои се наоѓаат на тој терен, доколку ние дозволиме да се направи реконструкција на плоштадот. Реконструкцијата значи 30 до 40 сантиметри длабочина, остранување на слоевите, тампонирање и поставување на новите плочки, појасни директорот на Завод и музеј – Охрид.

По завршување на истражувањата ќе биде изготвен извештај од страна на институцијата за да можат да започнат активностите за реконструкција на плоштадот.

Н.С.Ј.