Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) упати отворено писмо до Владата и Собранието на Македонија, во кое бара повлекување на најавениот Закон за бесправно изградени градби.

 ААМ, како што пренесува „Макфакс“ ја оспорува уставноста и законитоста во предложеното законско решение, а се жали и на транспарентноста при носењето на последната верзија од Законот, во која не била вклучена општата и стручна јавност.

 „Предложената своевидна „амнестија” на бесправноста не е поткрепена со елементарна аргументација, така да веднаш се забележува изместеноста на неговата целна група, отстапувањето од принципите на доброто управување, недискриминацијата, рамноправноста, доверливоста…“, се вели во писмото.

Здружението на Архитекти препорачува долгорочен сеопфатен пристап кон проблемот, наместо да се воведуваат ад хоц решенија за легализација кои се неуспешно применети  во Албанија, (Србија-во тек), Италија, Турција и во други држави.  
 
„Потребно е изготвување на ново, поинакво, поквалитетно законско решение како дел од стратегијата за интегрално разрешување на појавата на бесправната градба во Република Македонија“, се вели во барањето упатено до Владата и Собранието.

Реагираше Министерството за транспорт и врски кое не се согласува со забелешките на  Асоцијацијата на архитекти на Македонија дека одредбите од законот за постапување со бесправно изградени градби се пресложени, прескапи, и неприменливи и дека изостанала транспарентноста во процесот на донесувањето на законот.
 
Ја информираме јавноста, дека согласно предложениот закон за постапување со бесправно изградени градби е предвидено надоместокот за објектите со намена домување во станбени куќи да изнесува едно евро по метро квадратен од изградената површина на објектот. Оваа симболична цена е со цел сите граѓани кои се засегнати со ова прашање, по усвојувањето на законот да можат да ја искористат историската можност и да си дозволат да го отпочнат процесот на легализација на бесправно изградените градби, со што ќе се стави крај на едно повеќедецениско горливо прашање во Република Македонија за кое ниту една претходна влада немала ниту план, ниту обид за решавање, стои во реакцијата.

OhridNews