-Армијата на Република Македонија бескомпромисно го извршува својот дел од заветот. Затоа македонските граѓани имаат најголема доверба токму во Армијата. Доверба што се стекнува со патриотизам, посветеност и професионалност. Ова го истакна претседателот на Република Македонија и врховен командант, Ѓорѓе Иванов, на свеченоста по повод Денот на Армијата, што денеска се одржа во Центарот за обука на вода во Охрид.

Како што вооружените сили имаат уставна обврска да го штитат територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија, така и сите ние имаме обврска да им обезбедиме подобри услови на оние што не чуваат нас и нашите деца, додаде Иванов.

-Продолжуваме со одржување на реформската кондиција. Очекувам да се имплементира новата организациско – формациска структура на АРМ.-рече Иванов, во обраќањето на свеченоста по повод Денот на Армијата.

Пред присутните се обрати и министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој истакна дека приоритет на АРМ и натаму останува членството во НАТО.

-Иако неправедно чекаме повеќе од 6 години да ја добиеме заслужената покана на НАТО, остануваме посветени на остварувањето на оваа цел. Силни народи и држави се тие кога ќе се соочат со предизвик наместо да се однесуваат дефетистички ги мобилизираат сите ресурси за да се справат со предизвикот. Одговорот на Македонија на блокадата од нашиот јужен сосед во Букурешт е зајакнување и забрзување на реформите, мобилизирање на сите ресурси во државата со цел уште посилно да одиме напред.-рече Јолевски.

Тој најави модернизација на АРМ, која ќе се реализира во согласност со долгорочниот план за развој на одбраната 2014 – 2023 година.

Во рамки на свеченоста повеќемина припадници на АРМ беа унапредени во повисок офицерски чин.

На одбележување на Денот на Армијата во Охрид присуствуваа бројни гости, меѓу кои претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, министри во владата, пратеници, претставници на локални самоуправи, воени аташеа и членови на дипломатскиот кор.

Г.М.