СДСМ во цели осум години власт  ветуваше, но не исполнуваше. Ветуваа брда и долини , затворен пазар, дом за стари лица, нова автобуска станица а наместо тоа  општинската каса ја испразнија за приватни ручеци, седенки,  и пиенки, рече на денешната прес конференција координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ Илија Арнаудоски,  а во врска со изнесеното од страна на советниците од опозицијата околу продажбата на парцелите на кои е предвидена изградба на автобуска станица, катна гаража и дом за стари лица.

– Доколку СДСМ не крадеше и не го опустошеше  Охрид  во толкава голема мера  општината ќе реализираше некој од овие три крупни проекти со сопствени средства. Во моментов, анализите направени со стручни лица и заинтересирани приватни инвеститори покажаа дека најдобар и најбрз модел на реализација на овие капитални проекти е со продажба на земјиштето, а на општината , одлично би и дошле приходите по основ на продажба на земјиштето и комуналии, затоа што истата на власта од  ВМРО – ДПМНЕ  и беше предадена со долг од над 33 милиони евра.  Намерата е  што повеќе инвеститори да се јават на јавниот повик со цел да се зголеми цената на продажба. Доколку не успее овој модел не ја исклучуваме можноста да се одлучиме за друг модел, како јавно приватно прартнерство или друго согласно законската регулатива, рече Арнаудоски.

Тој додаде дека почетна цена за откуп на земјиштето каде треба да се гради автобуска станица е 3170, односно 1393 денари за дом за стари лица и 1543 за катната гаража. Автобуската станица ќе се гради на 11.991 метар квадратен.

– Планираното е дека  со продажба по најниска – цена   ќе се инкасираат 38.014.418 денари, од што согласно законот  на општината ќе и припаднат 80 %   односно , општината би добила 30.411.534 денари. Очекуваниот приход од продажба на парцелата за катна гаража од 1515 метри квадрати е 1,8 милиони денари, а од продажбата на парцелата за изградба на дом за стари лица од 8425 метри квадратни 11,7 милиони денари. Дополнително уште неколку милиони денари би се добиле по основ на комуналии, рече Арнаудоски.

Потенцира дека во тендерската документација  ќе  биде наведено  дека земјиштето се продава исклучиво со строго определена намена и дека самиот купувач на земјиштетот ќе има обврска во рок од три месеци да прибави дозвола за градба и по извесен број на години да изгради таков објект.

Арнаудоски со порака до СДСМ да ги вратат долговите, со кои средства актуелната власт ќе изгради три пати повеќе од наведените три капитални инвестиции.

OhridNews