Најголемиот број новоизградени објекти во Охрид имаат соодветен пристап до улица, вели раководителот на Секторот за урбанизам при Локалната самоуправа, Бранко Арнаудоски кој ги отфрла како неиздржани неодамнешните забелешки искажани од страна на командирот на Против- пожарната единица во Охрид, дека нивните екипи често пати се соочуваат со проблеми при интервенциите поради непристапност кон станбените објекти.

– Секој објект мора да има пристап на сообраќајница. Oние кои немаат од одредени причини пристап до улица, се поврзани со патека која е со минимална ширина од 5,5 метри, објаснува Арнаудоски.


За комплексот станбени згради лоцирани зад хотелот Ројал, изградени пред неколку години и за кои може да се каже дека и воопшто не располагаат со соодветен пристап, освен патека широка не повеќе од  еден  метар, Арнаудоски објаснува дека за овие згради е предвиден пристап на улицата Партизанска и дека наскоро ќе биде изграден.
 
Неодамна, командирот на Противпожарната единица, Спасе Прентоски, укажа на проблемите со кои се соочуваат нивните екипи поради немањето пристап до некои од станбените објекти во градот. – Во последно време воопшто не се води сметка дали до објектите има пристапен пат за да може нашите возила, доколку е потребно, да интервенираат. Не се води грижа и дали има доволно простор меѓу објектите, затоа што на нашите воозила им е потребно одредено растојание за да дејствуваат. Порано имаше прописи при самата градба на објектите- меѓу нив да има најмалку 40% растојание, во однос на висината. Сега тоа не се почитува, па така често пати мака мачиме да извршиме одредена интервенција, рече Прентоски.

OhridNews