Во интерес на учениците е настава со физичко присуство, нема промена во начинот на нејзината реализација, а Владата за справување со предизвиците од енергетската криза е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука, вели портпаролот на Владата Душко Арсовски.

Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на дел од општините за продолжување на зимскиот распуст на учениците заради штедење струја и огрев и колку се оправдани барањата дел од трошоците и субвенциите да ги покрива Владата, Арсовски рече дека на вчерашната седница на Владата немало дискусија за тоа.

На последната седница на Владата немаше дискусија во однос на ова прашање. Владата останува посветена во надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза и е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука, рече портпаролот Арсовски, дополнувајќи дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта.

Организирањето во смисла на трошоците за загревање на училиштата, дополни владиниот портпарол, е во рамки на надлежностите на општините односно на локалната самоуправа и за тоа од Министерството за образование и наука се исплаќаат дотации до општините. Така што, потенцираше Арсовски, важно е да се каже дека тие се одговорни и во интерес на учениците е физичко присуство на наставата.

OhridNews