Во пресрет на предвремените Парламентарните Избори кои ќе се одржат во 2016 година Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари – АСМЛ ги поканува сите политички партии и кандидати за пратеници да се заложат за поддршка и унапредување на правата и условите на младите лекари и докторите специјализанти во Република Македонија. За таа цел асоцијацијата подготви Декларација за ефективни здравствени политики за млади лекари и доктори специјализанти, која очекуваат да биде потпишана од идните кандидати за пратеници.

-Длабоко понижени и обезвреднети, бараме да биде слушнат нашиот глас и ќе ја започнеме борбата за подобрување на нашиот моментален статус, а вооедно и на здравствениот систем. Нашите проблеми се и проблеми на сите наши граѓани, бидејќи тие го имаат крајниот бенефит од нашето образование, труд и работа. Сметаме дека задоволен пациент може да има само доколку има задоволен лекар, велат од АСМЛ.

Оттаму објаснуваат дека во рамки на декларацијата се сублимирани приоритетните проблеми на младиот лекар во Република Македонија, како и конкретни предлози за нивно решавање со цел спречување на најголемата закана која тие ја наметнуваат, а тоа е миграција на младите лекари.

-Само во последните неколку години државата ја напуштиле преку 500 млади лекари, а трендовите говорат за експоненцијално зголемување на овие бројки од година во година. За да бидеме во можност непречено да ја вршиме својата професионална должност и обврска кон нашите пациенти, нашите сограѓани, во оваа прилика се обраќаме до Вас, како и јавно до оние за кои постоиме, нашите пациенти, за да ве информираме за состојбата во која се наоѓаме, а за која веруваме дека е дотолку неприфатлива за Вас колку што е и за нас, па не тера да заминуваме од Македонија, од нашите домови, да ги напуштаме нашите семејства и пријатели, и да ги оставиме нашите сограѓани на милост и немилост на иднината, пишуваат од АСМЛ.

Инаку Асоцијација на специјализанти и млади лекари – АСМЛ, е самостојно, невладино, непартиско здружение на граѓани чија мисија е намалување на бројот на млади колеги кои ја напуштаат Република Македонија;  дефинирање на статусот на лекарите на специјализација,  нивно соодветно формално-правно  претставување,  заштита и унапредување на правата и статусот на докторите специјализанти во Република Македонија, како неопходна и витална карика во здравствениот систем.

OhridNews