Корона кризата ги натера луѓето се почесто да поминуваат време во природа. Oд почетокот на годинава до сега се бележат рекорден број на повици и интервенции од страна на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

Досега сме добиле 38 интервенции и на терен сме излегле во 24 случаи од почетокот на оваа година и тоа е рекорден број, бидејќи просекот во изминатите години беше некаде околу една до две интервенции во месецот. Сега имаме веќе далеку над тој просек, малку логично од аспект на тоа што целата оваа корона криза ги активира домашните жители малку поактивно да се движат во природа, што поради здравствени причини, што заради оној психички набој поради сите карантини кои се случија, поради сите ограничувања луѓето едноставно се свртија кон природата. За жал, голем дел од нив претходно немале навики да се движат во природа, ова им е нешто ново, не биле соодветно подготвени и наишле на проблем што од друга страна го зголеми бројот на интервенции, вели Антонио Додевски раководител на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид. 

Бројот на интервенции на планина се зголемува во последниве осум години, што пак од друга страна укажува дека авантуристичкиот туризам како во светски рамки така и кај нас се повеќе зема замав.

Има  еден тренд на зголемување на бројот на интервенции независно од корона- кризата. Toa се темели на тоа што авантуристичкиот туризам како и секаде во светот така си зема замав се  повеќе и кај нас, а и дел од тоа зголемување е и нашето постоење бидејќи претходно луѓето немаа каде да се обратат особено  во руралните средини, кога неретко ако имало случај на повреден дрвар, сточар или било кој самите мештани со некакви прирачни средства се обидувале да му помогнат, едноставно немало систематизиран начин на укажување помош. Самото наше постоење и промовирање во средината исто така предизвикува од година во година да се зголемуваат повиците, додава Додевски. 

Интервенциите на службата се во најразлични ситуации, од  успешно извлекување на милениче од над 15тина метри стрмна карпа, помош на повредени планинари, АТВ несреќи, потраги по лица кои се изгубиле во планина, до вклучување во гаснење на  пожари како што беше случајот со пожарот кој ја зафати Галичица.

Додевски вели дека бројката на речиси 40 повици во период од девет месеци укажува на неопходноста од постоење на Планинската спасителна служба која делува во регионот околу Охридското Езеро, односно на територија на општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Ресен и Поградец.

 

K.A