Општина Охрид во партнерство со програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) објавува Јавен повик за граѓански организации за поднесување предлог проекти во рамки на проектот Регионална програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2).
Проектот кој е финансиран од Европската унија се спроведува во шест земји/територии од Западен Балкан ќе трае до декември 2024 година и има за цел јакнење на партиципативната демократија и процесите за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија преку јакнење на граѓанското општество и младите за нивно активно учество во процесот на денесување одлуки.
Во проектот ReLOaD 2 се вклучени 8 општини: Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Крива Паланка, Кочани, Куманово и Охрид.
Општина Охрид упатува повик до сите граѓански организации да поднесат предлог проекти кои се доследни на развојните цели на Општина Охрид и со кои се опфатени следните приоритетни области меѓу кои младински активизам и партиципација, родова еднаквост, економска и социјална инклузија, туризам и заштита на животната средина и култура.
На граѓанските организации им е дозволено да поднесат повеќе од еден предлог проект, доколку вкупниот доделен износ не надминува 3.690.000,00 МКД за целото времетраење на проектот ReLOaD2 (до декември 2024). Општина Охрид и УНДП го задржуваат правото да не ги доделат расположливите средства доколку предлог проектите не ги исполнуваат зададените критериуми. Проектите може да бидат со времетраење од 6 до 12 месеци. Избраните проекти мора да се спроведат во периодот од март 2023 до крајот на февруари 2024, информираат од Општина Охрид.
Износот на средства за одобрени проекти ќе се движи од 307.000,00 МКД до 1.845.000,00 МКД, а повеќе информации за повикот на линкот.
OhridNews












