Советниците денес на одржаната деветнаесетта Седница ги изгласаа и кварталните извешаи за работата на јавните претпријатија. Координаторката на советничката група на СДСМ, Живка Ангелоска вели дека ако се забележат финансиките показатели, може да се воочи дека ситуацијата е помалку или повеќе иста, како и кварталот во претходната година.
Ако се разгледаат самите јавни претпријатија ќе видите дека главното образложение е повисока сметка за електрична енергија, зголемена цена на горивата и усогласување на платите со минималната плата, како основни причини кои довеле до ситуацијата во која се наоѓаат ЈП-ја. Доколку се направи една подетална анализа може да се види дека во ЈП-ја постои уште многу простор за работа. Неминовно е порационално користење на средствата, поголема реализација на приходите, бидејќи имаме ЈП-ја каде се уште е многу низок процентот на реализација на проектите. И во време кога, ете да го посочам ЈП Охридски Комуналец, кој и ги покачи цените за услугата и каде не е проблем електричната енергија онака како што е проблем во ЈП Водовод, не треба да се оправдува со причини коишто навистина се случуваат, но не се од карактер кој не може да се надминат. Загрижувачка е ситуацијата со ЈП Градски гробишта кое што веќе и во овој квартал има тројно поголема загуба од претходниот квартал, додека ЈП Билјанини Извори има помалку приходи во однос на истиот квартал од минатата година со објаснување дека намалени им се приходите пред се од паркингот на „Македонски Просветители“, а беа оспособени и други простори за паркинг како и услугата од влечната служба, вели Ангелоска.
Поголема анализа, додава, може да се даде по завршување на буџетската година кога ќе ги имаат целосните извештаи и ќе разгледуваат една цела буџетска година.
Јавните претпријатија се наоѓаат во тешка финансиска состојба, но и покрај кризите со кои се затекнати менаџерските тимови, гледаме дека успешно се справуваат, ги завршуваат редовно тековните активности, вели координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски.
Конкретно ЈП Билјанини Извори во овој квартален извештај е со добивка од 2 милиони денари. ЈП Водовод работи со загуба, но и покрај тоа се изведуваат неколку водоводни линии, а и во тек се неколку проекти кои ги реализираат како водоводна линија на улица „Ѓорче Петров“, „Пирин Планина“, комплексот Расадник, „Македонски Просветители“ каде се реализираат прва, втора и трета фаза од програмата. Во ЈП Градски гробишта забележливо е дека е намален бројот на вработени, а помали се и вкупните трошоци во 2022 година во однос на 2021 година. Кај ЈП Градски пазар приходите споредено со 2021 година се зголеми за 32 %, а намалени се и вработените во ЈП Нискоградба, каде ако биле 113 сега се 109, а истото има добивка од 5 милиони денари. Исто така и бројот на вработени во ЈП Охридски Комуналец е намален, а евидентно е дека се намалени и дневниците за службени патувања, трошоците за репрезентација и промоција, вели Божиновски.
И покрај кризите со кои се зафатени, додава, успешно се сервисираат услугите и работите кон граѓаните.
На седницата беа изгласани и Предлог-одлуката за давање согласност на одлуката за дополнување на одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски Комуналец“ Охрид број 02-688/6 од 29.03.2022 година; Предлог-одлуката за усвојување на оперативниот план за заштита и одбрана од поплави за загрозените подрачја на територијата на општина Охрид; Предлог-одлуката за давање во закуп на недвижен имот; Предлог-одлуката за изменување на Правилникот за критериумите и постапка за доделување еднократна парична помош на физички лица; Предлог-одлуката за утврдување на критериумите и постапката за доделување еднократна парична помош за новороденче; Предлог-одлуката за прифаќање донација на спортска опрема и веслачки реквизити; Предлог-одлуката за пренесување на правото на користење спортска веслачка опрема и веслачки реквизити, сопственост на општина Охрид на Веслачкиот клуб „Горица Ремо“ – Охрид и Предлог-одлуката за утврдување престанок на важност на одлуки за донесување план за парцелација. и Предлог-одлука за донесување техничка исправка за ГП 4.32, ГП 4.33, ГП 4.34, ГП 4.35, ГП 4.36, ГП 4.37, ГП 4.38, ГП 4.39, ГП 4.40, ГП 4.41, ГП 4.42, ГП 4.43, ГП 4.44, ГП 4.45, ГП 4.46, ГП 4.47 и ГП 4.48, сите на кп.бр. 497 во КО Велгошти во ДУП за дел од МЗ-15ти Корпус во Охрид.
Советниците усвоија и 22 Предлог-одлуки за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација со цел вклопување на бесправно изградени објекти, една Предлог-одлука за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација за усогласување на намената на земјиштето, една Предлог-одлука за изменување на одлуката за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација со цел вклопување на бесправно изградениот објект и една Предлог-одлука за изменување на одлуката за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација за усогласување на намената на земјиштето.
Н.С.Ј.














