Австрија од утре го презема шестмесечното претседавање со ЕУ. Третпат, по 1998 и 2006 година, Австрија ќе претседава со ЕУ, овојпат под мотото „Европа која штити“, чии главни приоритети ќе бидат миграциите и прашањата за безбедноста и конкурентноста на ЕУ, но и натамошното приближување на земјите од Западен Балкан кон Унијата.

Австрија, која подолг период се ангажира околу регионот на Западен Балкан, сака да го задржи фокусот, кој Бугарија го насочи кон овој регион за време на своето претседавање.

Освен тоа, една од целите на официјална Виена е и подобрување на односите на ЕУ со земји како што се Русија и Израел.

ЕУ, како што истакна австрискиот канцелар Себастијан Курц, треба да се занимава со големи прашања, како што е заштита на надворешните граници или надворешната политика, а да се повлече од помалите прашања кои треба да останат во надлежност на националните влади, регионите и локалните власти.