Стотици возила продефилираа вечерва низ охридските улици на авто протестот што го организираше здружената опозиција.

Авто протестот заврши во населбата Видобишта, каде се одржа граѓански парламент.


Прв пред присутните говореше претседателот на ОО ЛДП – Охрид, Дејан Блажески, кој рече дека власта е исплашена од народот кој е се поброен на протестите кои се одржуваат низ целата држава.

-Оваа борба нема да биде борба против никого, оваа борба ќе биде за нас, за нашите пријатели и нашите непријатели, за истомислениците и неистомислениците, оваа борба треба да биде за нашите предци и за нашите потомци. Неважно е дали ќе сме определени или неопределени, статистиката секако ќе не брои, затоа не постои таква категорија и треба масовно да излеземе доколку се случат избори, а и доколку не се случат, а нема да се случат само заради нив, не заради нас, рече Блажески.


Пратеникот Митре Велјаноски во своето обраќање рече дека актуелната власт за седум години не реализирала ниту еден капитален проект, а сега посегнува и по душата на Охрид.

-Го зедоа Плаошник, а сега сакаат да го земат и нашето Езеро. Остана ли нешто ВМРО ДПМНЕ што не разнебити. Од овде порачувам дека не го даваме, затоа што само уште духовното ни остана. Другото е банкрот, економијата е во колапс. Не е направено ништо, ниту еден енергетски капацитет,  ниеден автопат. Ветуваа автопат од Гостивар до Охрид, автопат од Битола до Охрид. Каде е? Сега ветуваат некакви милијарди, некакви илјадници вработувања. Зарем седум години беа малку за да направат еден капитален објект.-рече Велјаноски.


Пред граѓаните во Видобишта говореше и градоначалникот Александар Петрески, кој се осврна на критиките упатени до него и локалната самоуправа изминатите денови дека се вршат масовни вработувања во установите под капа на општината.

-Колку што имам вработено во овие 8 години уште толку ќе вработам во идните четири години, бидејќи охриѓани нема каде да се вработат ако не се општинските институции. Но нека одгововорат од владејачката партија од каде им се 10.000 евра за кирија за изборен штаб во центарот на градот. На банка таа кирија и беше висока, а за нив не е, рече Петрески најавувајќи дека во Охрид тој ќе ја однесе победата на претстојните избори, доколку опозцијата настапи на нив.


Пред охриѓани се обрати и пратеничката Ана Павловска Данева, која и порача на власта да не ни помислува сама да оди на локални избори.

-Немојте да помислувате дека можете било каде, па и во Охрид да отидете сами на избори, сами да се прошетате и дека нспроти себе нема да имате никого. Наспроти себе Груевски ќе го имаш овој народ без кој нема да можеш да спроведеш избори кои што ќе бидат легални и легитимни и кои ќе ти бидат признаени од граѓаните, но и од меѓународната заедница. Нека не ги лаже умот, локални избори ќе се спроведат само доколку се овозможат и вонредни парламентарни избори, истакна Павловска Данева.


Здружената опозција најави дека протестите ќе продолжат и во наредните денови.

OhridNews