Патниците се жалат дека на автобуските стојалиштата одамна ”им изминал рокот”, па поради тоа биле принудени да го чекаат превозот стоејќи и изложени на различни временски неприлики.
-Постојкиве се вакви со години, од кога паметам, можеби пред некоја година ги бојадисаа, ги поправаа нешто, но отогаш помина време па пак се оштетија. Некогаш мора да чекаме и повеќе од петнаесет минути, а нема каде да седнеме, има само една клупа, а и настрешницата е мала, нема ни каде да се сокриеш од дожд или од сонце. Навистина радно време е да се заменат, вели помлада госпоѓа од селото Лескоец, која чекаше превоз кај постојката во близина на Градскиот пазар.
Повозрасен жител на селото Коњско, кој исто така чекаше превоз за да си оди дома се пожали дека намал каде да прочита во колку часот има комбе.
-Ние сме стари луѓе, многу често не доаѓаме во градот, ама еве денес моравме да одиме на лекар, на некое испитување, ама не прашавме кога има превоз за назад, а и никој тука што чека не знае да каже, нема и каде да се прочита. Па еве ќе постоиме тука со бабата и на среќа ќе почекаме, може ќе помине некој од превозниците, ни рече загрижениот дедо.
Останатите патници кои чекаа на постојките на улицата Туристичка, коментираа дека старите чекални, покрај тоа што не се функционални за граѓаните кои секојдневно ги користат, тие се многу лоша слика и за туристите кои во текот на летниот период се превезуваат до плажите.
Од Охридската локална самоуправа велат дека новите постојки кои требаше да ги заменат старите уште во 2010 година, најверојатно ќе бидат поставени годинава.
– Ние во текот на изминатиот период на два пати распишувавме тендер за набавка на автобуски постојки, но на двете јавни објави не се јави ниту еден заинтересиран понудувач. Деновиве ќе распишеме набавка уште еднаш, па ќе видиме кои ќе бидат резулатите. Нашата цел е да добиеме автобуски постојки кои се функционални, на кои патниците ќе можат да застанат, да не се на дожд, на сонце и ветер и сигурно ќе имаат модерен изглед, вели Зоран Шикалески, од Секторот за комунални дејности и сообраќај, при Општина Охрид.
Тој нагласи дека доколку и новиот тендер не донесе посакувана понуда, ќе мора да остварат контакти со заинтересирани лица кои ќе сакаат да ги изградат постојките и на нив да поставуват сооодевтни рекламни паноа.
Инаку според најавите за менување на старите автобуски постојки од 2010 година, во Охрид треба да се постават 13 нови стојалишта. Истите треба да имаат унифициран изглед и боја. На секое од нив треба да има клупи и корпи за отпадоци, информативна табла со возен ред, како и мапа на градот и околината.