Во 2020 година автобусот на „Беса Транс“ кој изгоре при сообраќајна несреќа во Р. Бугарија имал 22 излегувања и влегувања од државата. Во 2021 година, автобусот 113 пати направил влез-излез од државата. Тој е произведен во 2007 година, регистриран на 15 октомври оваа година (важност до 13.10.2022), а последниот технички преглед е направен на 5 октомври годинава и притоа не се регистрирани отстапки или укажувања за неисправност, информираше Министерот Спасовски на денешната прес-конференција.

Тој се осврна на деталите во врска со автобуската несреќа. Како што истакна Спасовски на 23 ноември 2021 година, тим на МВР присуствувал на самото место на сообраќајната незгода која се случи на магистралниот пат А-3, делница Софија – Дупница во Република Бугарија.

Во несреќата учествуваше автобус марка „Меrcedes Benz“ со регистарски број SK 0284 BA, сопственост на правното лице „Беса транс“ со седиште во село Рашче, Општина Сарај. Она што го дозна тимот на местото на несреќата е дека предметниот автобус, кој се движел на релација од Турција кон Северна Македонија, на местото викано „Кулата“ на автопатот А3, удрил во банкината и еластичната ограда од десната страна која го раздвојува постојното одморалиште покрај автопатот, при што возачот изгубил контрола на возилото и притоа дошло до самозапалување на надворешниот дел од автобусот, а потоа и до удар во средишната разделна еластична одбојна ограда од автопатот при што настанало целосно опожарување на возилото, истакна Спасовски.

Увидот на самото место го водел надлежен обвинител од Националната служба за истраги од Бугарија и лиценцирани вештаци. Во поглед на истрагата, Спасовски истакна дека МВР врши информативни разговори, а сопствениците на „Беса Транс“ се достапни и со нив се разговара. Спасовски додаде дека МВР постапува врз основа на наредби од Обвинителството.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски соопшти дека опожарениот автобус не бил пријавен од сопственикот во единствената електронска база на податоци на Министерството. За автобусот, превозникот, не поседувал извод од лиценца, а за превозот на патници користел неважечки извод кој се однесувал за друг автобус. Според Бочварски, превозникот „Беса транс“ поседувал две лиценци за работа: лиценца за слободен превоз на патници во меѓународниот сообраќај за која е донесено решение да му биде одземена поради злоупотреба и лиценца за линиски превоз на патници во внатрешниот сообраќај која е истечена во октомври 2021 година, односно е неважечка.

Превозникот ниту го пријавил, ниту побарал од Министерството за транспорт и врски извод од лиценца за опожарениот автобус и поради тоа не е евидентиран во единствената база на податоци. Друга работа што е многу важна, а со која се шпекулира во јавноста е начинот како превозникот Беса Транс БТБ ја минувал границата. Изводот од лиценца со број 22679 што се јавува во електронскиот систем на Царинската управа, а кој бил користен за опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот Беса Транс БТБ, потенцира Бочварски.

Овие лиценци, нагласи Бочварски, се однесуваат на правното лице „Беса транс БТБ“ како фирма, а не на превозни средства. Во однос на поседување на изводите од лиценци за автобуси за слободен превоз на патници во меѓународниот сообраќај, превозникот „Беса Транс БТБ“, поседувал изводи од лиценци за четири автобуси, истакна Бочварски.

 

OhridNews