Министерот за одбрана Зоран Коњановски попладнево го посети автокампот на АРМ „Свети Наум“, каде во тек е целосна реконструкција на комплексот.

Како што појасна министерот, за реконструкцијата од буџетот на министерството за одбрана се издвоени околу 25 милиони денари и ова е прва поголема инвестиција од 1969 година, кога кампот започнал со работа.


Во оваа фаза од проектот е предвидена изградба на 15 бунгалови,  чија изградба се очекува да биде завршена до крајот на август годинава. Комплексот во чии рамки по завршувањето на првата фаза ќе има вкупно 34 бунгалови, ќе биде од полуотоворен тип, така што покрај припадниците на АРМ тука ќе може да летуваат и останатите граѓани од земјава.

Ќе се реши и еден голем проблем, што се однесува до заштита на Охридското Езеро. Автокампот ќе добие нова пречистителна станица, инвестиција од четири милиони денари, што е наш влог во заштита на животната средина. Веќе е одбран добавувач на опремата, а нејзиното поставување започнува веќе утре, рече  министерот Коњановски.

Кампот се простира на површина од десет илјади метри квадратни. По првата фаза од реконструкцијата ќе добие 1.508 метри квадратни новоизградена корисна површина, со капацитет до 204 легла.

Инжињерот Зоран Диновски додаде дека финалниот проект, односно со завршната фаза е предидена изградба и на марина за пловни објекти, како и неколку спортски терени за рекреација.

Предвидено е во рамки на автокампот да има еден помал терен за спортови, како и едно големо фудбалско игралиште, со сите пропратни инфраструктурни објекти, што ќе се реализира во соработка со Агенцијата за млади и спорт, додаде Диновски на презентацијата на проектот.


Од кампот целосно ќе бидат исфрлени дотраените авто-приколки, а сместувањето ќе биде во објекти од цврста градба. Автокампот ќе добие и целосно нов влез, директно од регионалниот пат што ги поврзува Охрид и граничниот премин кај Свети Наум.

Реконструкцијата на автокампот „Свети Наум“ се очекува да заврши идната година.

OhridNews