Министерот за транспорт и врски  Миле Јанакиески, попладнево на седницата на Собранието на Република Македонија на чиј дневен ред беа пратенички прашања, објави дека во јануари или февруари 2015 година, во соработка со IFC и економските промотори од “Invest Macedonia” ќе биде објавен јавен повик за изградба на автопатска делница од Кичево до Гостивар по пат на концесија.

-Доколу се пријави заинтересирана компанија, изградбата би почнала на почетокот од 2016 година.-рече министерот Јанакиески.

Изградбата на оваа автопатска делница е од исклучително значење за Охрид, Струга и Кичево, дотолку повеќе ако се има предвид фактот што веќе во фаза на реализација е изградбата на автопатот Охрид – Кичево, смета пратеникот од 5-та Изборна единица Александар Николоски. Според него, автопстското поврзување на Охридско – струшкиот регион со главниот град и земјите на север, ќе го поттикне развојот на локалната економија и туризмот.

-Би сакал да ја поздравам најавата дека на почетокот на 2015г. ќе почне постапката за изнаоѓање концесионер за изградба на автопат Гостивар- Кичево, а доколку се пријави заинтересирана компанија во 2016г. да почне градбата. На тој начин Охрид, Струга и Дебрца целосно ќе бидат автопатски поврзани со главниот град Скопје, како и со остатокот од Балканот преку коридорот 10 кон Србија и коридорот 8 кон Бугарија. Во исто време би сакал да ја потенцирам исправноста на одлуката да се гради автопатот Кичево- Струга- Охрид со средствата обезбедени оваа година со Кинески кредит. Тој автопат интензивно се гради. Со релизацијата на оваа делница извесно е целосното автопатско поврзување на регионот зашто и атрактивноста на целата делница сега е поголема и полесно ќе се најде концесионер за делот Кичево – Гостивар. Изградбата на автопатите покрај долгорочните позитивни ефекти веќе ги дава и првичните економски ефекти преку ангажман на голем број градежни фирми, механизација и вработување на стотици луѓе што силно ја раздвижува локалната економија. Со внимание како пратеник ќе продолжам да ја следам реализацијата на овие два автопати. – изјави за OhridNews Александар Николоски.

Засега извесна е изградбата на автопатската делница од Охрид до Кичево, која треба да биде завршена до 2018 година.

OhridNews