Автопатот Охрид – Кичево, чија изградба ќе почне во март годинава, ќе се гради согласно сите светски стандарди, истовремено од три места со цел активностите да завршат во предвидениот рок, односно до 2017.

Во исто време ќе се стартува од три места што ќе е првпат во РМ. Досега се почнувало од една точка и се одело кон крајната. Сега ќе се гради од три места за да може за само три години да биде изграден. Согласно договорот, 51 проценти од луѓето коишто ќе работат ќе бидат од Македонија, односно од општините кои гравитираат кон решението и најмалку 49% од изведувачите мора да се од Република Македонија, што ќе значи  ангажирање на сета градежна оператива, изјави охридскиот пратеник Александар Николовски.

Николовски истакна дека се работи за исклучително модерно автопатско решение со шест ленти, односно со по три ленти од секоја страна. Ќе има тунел долг околу два километри, 14 помали и седум поголеми мостови.

Охридскиот пратеник информира дека се вршат преговори за концесиско решение за патот од Кичево до Гостивар и Скопје- Блаце, а со претставници од Банката за развој на Советот на Европа се разговарало и за финансирање на магистралниот пат Косел – Охрид – Пештани – Свети Наум.

Т.К.