Нетранспарентноста при објавувањето на јавните набавки од страна на локалната самоуправа и неадекватното работење на инспекциските служби се најчестите проблеми со кои се соочуваат охридските автопревозници  и дел од  таксистите, изјавија од здружението на автопревозници „Сонце и галеби“ по денешната средба со кандидатот за градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ, д- р Никола Бакрачески.


– Го искажавме нашето незадовлство од досегашното работење на локалната самоуправа и се надевам дека во иднина ќе дојдеме до еден заеднички дијалог и меѓусебно разбирање што ќе овозможи подобра соработка и подобра  иднина за сите нас превозниците, рече претставникот од здружението „Сонце и галеби“, Златко Силјаноски.

Задоволство по остварената средба изрази и кандидатот за градоначалник, д- р Никола Бакрачески.


– Можам да ги уверам дека во иднина, што се однесува на почитувањето  на законот за јавни набавки при автопревозот, воопшто нема да се отстапува, ќе постапувам исто како што и досега сум постапувал при јавните набавки во институцијата која ја менаџирам. Можам да ветам дека во иднина овие јавни набавки ќе се спроведуваат согласно законот и во целост ќе се почитуваат правилата на транспарентност и на правилна распределба на јавните набавки, изјави д- р Бакрачески.

Денешната средба со автопревозниците и дел од охридските такси- превозници е дел од серијата средби на кандидатот Бакрачески кои е предвидено да се реализираат со различни целни групи во општината.

Т.К.