Одржана комеморација по повод смртта на Благоја Силјаноски поранешен претседател на Собранието на Oпштина Охрид, пратеник, новинар, публицист, есеист и писател, во организација на Општина Охрид и новинарите на Охрид.
Пред членовите на семејството, советници од Општина Охрид, пријателите, соработниците и новинарите, се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и новинарот Милчо Јованоски, а комеморативната седница ја водеше и неговиот долгогодишен соработник и пријател Симон Илиевски.
Благоја Силјаноски, целиот свој животен век го поминал афирмирајќи го Охрид на овој или оној начин, рече градоначалникот Пецаков.
По завршувањето на основното училиште во родното село образованието го продолжува во охридската гимназија, потоа во Скопје и Прилеп каде што ги завршува последипломските студии и го одбранува магистерскиот труд здобивајќи се со звањето магистер по економски маркетинг. Работниот век го започнал во Радио Охрид, каде што работел од 1970 до 1975 година, како новинар, уредник и коментатор, а од 1975 година преминува во РТВ Скопје (сегашна МРТВ) како раководител на регионалниот дописен центар во Охрид. Извстувајќи за секојдневните активности во градот, но и репортажи за подобро запознавање на Охрид, рече Пецаков.

Наша задача како млади генерации, обавувајќи ги истите или слични функции треба да ни биде следење на патот трасиран од нашите претходници. Почитување и афирмирање на позитивните вредности кој што ги оставиле нашите предци за како светилник водилка ние да ги оставиме за идните генерации. Верувам дека и Благоја ја имал и ја практикувал истата задача. Како што нашиот мудар народ рекол „Не можеш да умреш доколку е вечен споменот твој“. Нека биде вечен споменот на Благоја Силјаноски. Слава му!, рече градоначалникот Пецаков.
Благоја Силјаноски – човек кој знаеше да прави почит кон другите, кој знаеше да им помага на сите и кој сигурно сега од некаде високо ќе не гледа и ќе сака да ги види сите оние на кои им подал рака и со кои соработувал, рече во обраќањето Јовановски, додавајќи дека го памети од неговите рани почетоци од ТВ екраните.
Деновиве, интересирајќи се и за неговото и општо за минатото успеав да видам некои емисии кои стојат во архивата на сегашната МТВ, на нивната веб страница каде што може да се види трудот на Благоја, во кои се неговите репортажи кои посебно ги сакаше и беше така опитен, и не е ништо чудно што еве јас подоцна како директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и како се разбира негов колега од претходно, се соочив со неговото пишано творештво кое има свое место во роднокрајното одделение на нашата библиотека. Ветувам дека наскоро по некој повод или годишнина ќе можеме да направиме и еден таков вид средба во којашто писателите и поетитите од Охрид и пошироко ќе можат да дадат оценка и на неговот творештво како публицист, како пистаел, како творец. Велат со самото раѓање, доаѓа и патот кон смртта. Затоа ние во меѓувреме треба да го исполниме со живот, со многу дела, а Благоја Силјаноски го направи тоа и за Охрид и за семејството и за сите нас. Нека му е вечен поменот, рече Јованоски.
Инаку, покрај професионалните ангажмани, Силјаноски со литературно творештво се занимавал од раните детски години кога пишувал поезија за деца и објавувал во повеќе детски списанија и во периодични весници. Со проза почнал да се занимава подоцна, пред крајот на работниот век. Неговите објавени романи се „Талкање – Винтрекс“ (2003), „Бистем“ (2004), „Векослов за светиот град“ (2004), „Охридската инфарктштрасе“ (2005), „Чемерни судбини“ (2005), сите во издание на НИД Микена од Битола.
По романот „Стуткани сништа“ од 2007 година ја издава публицистичко – туристичката проза „Мирисот на патината“ посветена на Охрид. „Деволски краснопис “ е последно негово печатено дело во 2008 година. Добитник е на престижната награда „7ми Ноември“, сега „Свети Климент Охридски“ – Патрон на Охрид.
Посмртните останки на Благоја Силјаноски ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Охрид во недела, 4 септември, од 12.00 до 12.30 часот.
Н.С.Ј.

















