Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека целосно стои зад неговата одлука за повлекување од Авганистан, бидејќи американските војници не треба да се борат и да гинат во војна во која самите Авганистанци не сакаат да се борат. Синоќешното обраќање до јавноста од Белата куќа е прва изјава на Бајден за преземање на власта од страна на талибанците во Авганистан.
Последен пат тој зборуваше за Авганистан минатиот вторник кога ја бранеше својата одлука за повлекување на војниците од Авганистан и кога изрази уверување дека тамошната војска има сила да се одбрани од талибанците. Но, наместо уредно повлекување, за што имаше јавна поддршка, целиот процес се претвори во понижувачки американски дебакл, пренесува Хина.
Американските сили не треба да се борат и да гинат во војна во која самите Авганистанци не сакаат да се борат. Авганистанските политички лидери кренаа раце и избегаа од земјата, а војската одби да се бори, рече американскиот претседател.
Тој, сепак, призна дека авганистанската влада падна побрзо отколку што очекуваа Американците. Бајден, исто така, откри дека авганистанскиот претседател Ашраф Гани одбил да учествува во обидот да се најде дипломатско решение. Бајден додаде дека сцените од Кабул, каде владее хаос на аеродромот, предизвикуваат „грчеви во стомакот“.
Во наредните денови, американската војска ќе евакуира илјадници американски државјани од Авганистан, рече Бајден, најавувајќи дека САД ќе продолжат да го поддржуваат безбедното излегување на сите свои сојузници. Тој им вети на талибанците брз и жесток одговор доколку ги нападнат „нашите луѓе“.
OhridNews