Американскиот претседател Џо Бајден повика на национално единство пред 20 – годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година во САД.

Во видео запис во Белата куќа, објавен и на Твитер, Бајден им оддаде почит на загинатите во нападите и илјадниците повредени, како и пожарникарите, медицинските сестри и многу други кои загинаа или ризикуваа за време на спасувачките мисии и долгиот пат до закрепнување.

Тој исто така спомена дека „мрачните сили на човечката природа – стравот и гневот, огорченоста и насилството против муслиманските Американци, вистински и верни следбеници на мирољубивата религија“ го нарушија, но не го скршија американското единство.

Според мене, ова е централната лекција за 11 септември, дека кога сме најранливи, во потиснување на се она што не прави луѓе и во битката за душата на Америка, единството е нашата најголема сила“, рече Бајден, додавајќи дека „единството не значи дека мора да веруваме во иста работа. Мора да имаме фундаментална почит и верба еден во друг, и во оваа нација”, истакна Бајден.

Белата куќа го објави видеото во пресрет на 20 – годишнината од 11 септември, како и најава дека Бајден ќе ги посети сите три места кои беа нападнати на тој датум во 2001 година.

Американскиот претседател и неговата сопруга Џил Бајден денеска ќе го посетат Њујорк, каде што два авиона го уништија Светскиот трговски центар и загинаа 2.753 луѓе, потоа Пентагон во Арлингтон, Вирџинија, каде што се урна третиот авион, и Шенксвил во Пенсилванија, каде се урна четвртиот авион за кој се верува дека се упатил кон Капитол или Белата куќа.

OhridNews