– Групата е пред се интересна. Добивме силни и квалитетни репрезентации како Србија и Данска кои се во Топ-15 во Европа и важат за едни од најуспешните во младите категории – се првите впечатоци на селекторот Бобан Бабунски по ждрепката во Нион, кој им ја препушти фаворитската улога.


Македонската репрезентација за фудбалери под 21 година, предводена од Бобан Бабунски имаше лош квалификациски циклус зад себе, на нивни грб ќе биде притисокот да се подобрат резулатите и да се соберат што е можно повеќе поени.

На нас останува да ги повториме добрите игри од претходниот циклус но со подобри резултати. Првата и основна цел ни е да собереме најмногу бодови од сите досегашни селекции во категоријата У-21. Сите противници имаат квалитет. Сите работат и треба секој да се респектира. Затоа велам дека треба да се сконцентрираме на нашата игра , на добри подготовки и она што во изминатите 15-тина месеци го формиравме како модел на игра да го претвориме во добар резултат – рече Бабунски.


Што се однесува до противниците во нашата група репрезентацијата на Македонија во квалификациски дуел има играно само со селекцијата на Данска и тоа во квалификациите за ЕП 1996г. и за ЕП 2007г. 

Со Данска го одигравме првиот официјален натпревар во далечната 1994г. и остваривме прва победа. Македонија под водството на селекторот Јово Никушев во Кочани ја совлада Данска со 5-3. Во реваншот загубивме со 5-2. Во квалификациите за ЕП 2007г. во Скопје Македонија под водство на тогашниот селектор Мирсад Јонуз загуби со 3-0. Данска е домаќин на ЕП за фудбалери до 21г. што ќе стартува во Јуни 2011г.

Со Србија игравме кога беше составот на поранешна СР Југославија и загубивме со 2-0 во Белград и 8-0 во Скопје во квалификациите за ЕП 2000г. под водство на селекторот Благоја Китановски.

Минатата година Македонија и Србија одиграа пријателски дуел на стадионот Борис Трајковски во н. Маџари и Македонија под водството на сегашниот селектор Бабунски славеше со 1-0. Србија нема да учествува на ЕП 2011 во Данска.

Ohridnews