Германскиот гигант Баерн Минхен повторно се заинтересира за доведување на најдобриот македонски фудбалер и член на актуелниот европски првак Интер, Горан Пандев.

Баерн би сакал да го види Пандев во своите редови во летниот преоден рок и тоа како замена за Мирослав Клосе, кој најави заминување на крајот од оваа сезона.


Ова е втора потера на Баерн за доведување на Пандев на “Алијанц арена”. Пред две години додека струмичанецот настапуваше за Лацио, баварскиот тим првпат покажа интерес, но тогаш Пандев се одлучи да остане во Италија и потпиша за Интер. Пандев со “нераѕурите” има договор до јуни 2014 година, според кој заработува 3,5 милиони евра по сезона.

Доколку Баерн сака да го доведе Пандев ќе треба да плати обесштетување на Интер. Цената на најдобриот македонски напаѓач се проценува меѓу 12 и 15 милиони евра на европскиот пазар.

Сезонава во нападот на Баварците покрај ветеранот Клосе на располагање ги има и првиот стрелец од последното светско првенство Томас Милер, Хрватот Ивица Олиќ и Марио Гомес.