Второбвинетиот и денеска не дојде во Основниот суд во Охрид каде продолжи судскиот процес за потонувањето на бродот „Илинден“ при што загинаа 15 туристи од Република Бугарија. Неговиот правен застапник, Драган Тоновски, истакна дека Бајиќ не чувствува вина, но поради елементарна правна сигурност бара гаранција дека нема да биде притворен доколку се појави пред Судот.
Денешното, трето рочиште од судскиот процес, продолжи со изведување писмени докази од истражната постапка, а беа презентирани и видео материјали кои треба да помогнат да се разјаснат околностите под кои се случила големата трагедија.
Одбраната на првообвинетиот, капетанот Сотир Филески, и денеска потенцираше дека бродот „Илинден“ бил целосно исправен, што според неа се потврдува и од изнесените докази.
-Двата сертификати за техничка исправност на „Илинден“ за 2008 и 2009 година презентирани на денешниот претрес, покажуваат дека бродот бил целосно технички исправен, што може да се извлече и од фактот што не била изведена никаква забелешка во врска со евентуални причини поради кои настанала несреќата.истакна Димитрија Цобоски, правен застапник на првообвинетиот Сотир Филески.
Во врска со изнесените докази и фотодокументација поврзана со реконструкцијата на бродот, на која дел од одговорните во надлежните институции не го препознале „Илинден“, Цобоски истакна дека тоа се прави за да се избегне евентауална одговорност на тие лица доколку во текот на постапката дојде до проширување на обвинението.
На денешното рочиште присуствуваше претставник на бугарскиот конзулат во Република Македонија, како и правните застапници на оштетените и на семејствата на загинатите бугарски туристи кои како што е познато ќе бараат да бидат обесштетени.
Бродот „Илинден“ потона на 5-ти септември 2009 година во водите на Охридското Езеро во близина на авто кампот „Елешец“ на околу 300 метри од брегот. На бродот кобното утро имало 56 лица, а во несреќата настрадаа 15 патници, сите бугарски државјани.
Судијката Милка Танеска, следното рочиште од процесот за потонувањето на бродот „Илинден“ го закажа за 7-ми април.