Безбедноста на граѓаните и туристите е врвен приоритет на локалната самоуправа, изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, по повод синоќешниот инцидент во кој е претепан млад турист од Русија.

Почнувајќи од обезбедување на сигурносни услови на плажите, безбедносната состојба е доста подобрена во однос на изминатите години како на плажите така и во градот, истакна Бакрачески, посочувајќи дека лично ќе бара од институциите да се преземат сите неопходни мерки за обезбедување на посетителите

-И понатаму јас ќе барам од нив ригорозно да се справат со девијантните појави, со цел  Охрид да биде безбеден град како за охриѓани, така и за посетителите  и од тоа нема да отстапам. Ќе бидам во координација со надлежните институции за да изградиме имиџ на безбеден град, изјави градоначалникот Бакрачески.

Од СВР Охрид информираат дека поради зголемениот број на популација во туристичкиот шпиц има благ пораст на криминалитетот, но  безбедносната состојба во Охрид  е стабилна и нема алармантни показатели кои што бараат поголемо  присуство на полицијата на терен. Во врска со синоќешниот инцидент, од охридската полиција информираат дека е извршен разговор со повреденото момче кое било под видно дејство на алкохол. Полицијата ги проверува и наводите на момчето кое се пожалило дека од страна на непозната група млади која го нападнала му биле одземени лични работи и пари, поради контрадикторности во неговата изјава и работи на откривање на насилниците. Најверојатно причина за инцидентот била девојка.

Инаку, синоќа во Охрид се случила уште една тепачка помеѓу млади во која подебелиот крај го извлекол турист од Македонија.