На средба која според најавите ќе се одржи утре, премиерот на владата Зоран Заев и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, ќе разговараат за отворените проблеми кои ги има градот чија сметка е блокирана поради милионските долгови. Информацијата за OhridNews ја потврдија извори блиски до владата.

Како што дознаваме на средбата ќе стане збор за кредитот од Европската банка што на крајот од 90-те години од минатиот век го добија општините Охрид и Струга за формирање на заедничкото претпријатие Проаква, чиј гарант е владата. Меѓуопштинското претпријатие тогаш покрај стопанисувањето со водоводите го презеде и колекторот, што генерираше огромен долг.

Општините Охрид и Струга кои нередовно го сервисираа скапиот кредит, започнаа постапка за раздржување на МЈП Проаква со две посебни јавни претрпијатија, односно Водовод Охрид и Водовод Струга, а стопанисувањето со нефункционалниот колектор соред најавите треба да го преземе државата. 

Долгот на општина Охрид се проценува на околу 50 милиони евра и е резултат на сериозни пропусти во работењето на локалната самоуправа во минатото за што никој не е повикан на одговорност. На овој проблем своевремено укажуваше администрацијата на поранешниот градоначалник Никола Наумов која обзнани сериозни пропусти околу изведбата на инфраструктурни проекти во општината во 1990-те години, меѓу кои и делови од колекторскиот и канализациониот систем, а кои пак, не биле нотирани од ангажираниот надзор. Следуваа тужби од доверители, а долгот на градот со каматите растеше од ден на ден во милионски суми. Набрзо општината почна да останува без својот имот, а атрактивните локации со кои некогаш стопанисуваше градот со судски решенија ги добија моќни компании за ненаплатените обврски. Каматите на оргомните долгови продолжија да течат што доведе до блокада на општинската сметка, ситуација која е актуелна и денес.

OhridNews