– Се води еден комплексен процес на преговори со доверителите, околу можноста за откажување од каматите и евентуално на одреден процент од главниот долг и плаќање на останатиот дел од долгот од одговорената сума, на одреден број рати. Периодот за отплата кој се договара, зависно од условите под кои настанал долгот и од рокот во кој обврските не биле сервисирани, е од 6 до 48 месеци . До утре, службите треба да изготват акционен план кој ќе покаже колкав износ на финансиски средства се потребни во текот на еден месец за да ги сревисираме долговите според договореното со доверителите. Откако ќе се добие оваа прецизна бројка на потребен приход, ќе се знае дали има потреба од кредитно задолжување на општината, рече Бакрачески.
Во својот отчет кон јавноста, градоначалникот се осврна и на тешката состојба на јавните претпријатија во која биле затекнати, големите долгови, превработеност и блокирани сметки.
– Со спроведување на сосем нов концепт за управување, каде што Јавните претпријатија имаат зголемени обврски во својата работа, воведовме нов менаџмент во управувањето и прифаќање на нови форми на дејности кои може да ги извршуваат. Општинските Јавни претпријатија почнаа редовно да ги подмируваат обврските кон вработените за плати, да ги подмируваат обврските кон добавувачите и да ја вратат довербата кон граѓаните и кон економските партнери, нагласи Бакрачески.
Градоначалникот потсети на извршената санација на обврските на училиштата во општината и извршеното одблокирање на нивните жиро сметки, зајакнувањето на работната дисциплина во општинската администрација, формирањето на Советот на градски татковци,отворањето на Инфо точка за лицата со посебни потреби, организирањето на манифестацијата Бело лето, на досега асфалтираните над 25 илјади метри квадратни улици, поставените над 2000 метри нови водоводни инсталации и цевки за секундарна канализација, како и на динамизирањето на процесот на легализација на бесправно изградените објекти.
Како што рече Бакрачески, досега реализираните зафати и активности се само дел од предвидените проекти кои следат. Меѓу нив: изградба на првата технолошко- индустриска зона во Охрид, која треба да се изгради на локалитетот Мауцкер, Стратегијата за економски развој на општина Охрид, изградба на затворен пливачки базен на спортско-рекреативниот центар “Билјанини Извори“, катната гаража кај градскиот Пазар.