Во рамки на работниот престој во  Народна Република  Кина,  градоначалникот  Никола Бакрачески, ја посети најголемата кинеска и светска компанија за телекомуникациска опрема и ИТ технологии “Хуавеј“  каде оствари средба со менаџментот.

Оваа   мултинационална и телекомуникациска компанија    по обртот  на производство ја  престигна и компанијата  Ериксон во 2012 година.  “Хуавеј“   на почетокот од основање  се фокусираше на изработка на  опрема за телефони, а потоа компанијата   го  прошири својот бизнис градејќи своја телекомуникациска мрежа , обезбедување  оперативни  и  консалтинг услуги и опрема за фирми во и надвор од Кина. Фирмата  произведува  различни уреди за комуникација за широка потрошувачка, а има на 140 000 вработени , од нив околу 46 %   се ориентирани  кон   истражувачка дејност  и развој.

При разгледувањето на компанијата,  градоначалникот Бакрачески   беше информиран дека  фирмата “ Хуавеј“  има 21  институт за истражување и развој во  Кина , Америка, Канада, Пакистан , Велика Британија, Франција, Германија, Колумбија, Шведска , Ирска, Индија, Русија и Турција. Во 2013 се инвестирани 5 милијарди американски долари за истражување и развој. Средбата беше заокружена со  работна вечера  на која градоначалникот Бакрачески пред менаџерскиот тим на “Хуавеј“ги појасни можностите,погодностите и олеснувањата што Владата на Република Македонија  и Локалната самоуправа ги овозможуваат за влез на странски инвестиции.  Бакрачески  ги образложи и потенцијалите на градот за евентуален влез на овој  гигант во Охрид.

Во рамки на работниот престој во Кина, градоначалникот Бакрачески го посети и  еден од десетте административни дистрикти во Шенжен, градот Дапенг, едно од најпознатите туристички места во Кина.

OhridNews