Општина Охрид ги обвини еколошките здруженија и асоцијации за претставување погрешна слика за состојбата со заштитеното природно и културно наследство во охридскиот регион пред телата на УНЕСКО. Комитетот за заштита при УНЕСКО на 40 седница во Истанбул предупреди дека измената на планот за НП Галичица и предвидените инфраструктурни зафати во заштитените зони ќе имаат значителни негативни влијанија и претставува потенцијална опасност за исклучителната универзална вредност на природното наследство. Според Бакрачески состојбата не е алармантна.

– Состојбата е далеку од оној аларм кој сакаат во јавноста да го прикажат некои асоциjации. Истите тие се премногу исполитизирани и имаат преголемо политичко влијание, а многу малку се потпираат на стручни аспекти врз кои се засновани и изгледа дека тие повеќе сакаат да го нема Охрид во УНЕСКО отколку што навистина се загрижени за заштита на човековата околина.- изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Конфронтациите помеѓу локалната самуправа и еколошките движења се зголемија откако беа интернационализрани повеќе жешки еколошки прашања кои се однесуваат на изградба на инфраструктурни проекти во Нaционалниот парк Галичица и езерскиот брег, за што во ноември беа известени органите на Бернската конвенција за заштита на строго заштитени видови кои во охридскиот регион ги има преку 260. 

– Ние сметаме дека Македонија не може да ги исполни обврските од Конвенцијата доколку ги спроведе планираните проекти. Сметаме дека во заштитено подрачје треба да се направат напори да се спроведат проекти кои се одржливи и не ја загрозуваат изворноста на подрачјето. Примерот со експресниот пат како единствено решение за решавање на сообраќајот е јасен показател дека не биле разгледани други алтернативи.– истакнаа тогаш од ЕО „ЕКО СВЕСТ“

Локалната самоуправа смета дека со ваквите иницијативи се прави голема штета на Охрид и ги повикува еколошките организации на средба на која аргументирано и стручно ќе се разговара за состојбата со културното и природното наследство на регионот. Според градските власти најавената мисија на УНЕСКО во февруари која доаѓа на барање на македонската влада ќе ги расчисти сите дилеми наметнати во домашната и меѓународната јавност дали е загрозено заштитеното светско наследство во охридскиот регион.

Г.М.