Една од приоритетните активности и заложби на општина Охрид е, во рамки на своите овластувања, да им излегува во пресрет и ги помага социјално ранливите категории луѓе, потенцира на денешната прес конференција градоначалникот Никола Бакрачески .
Освен давањето на бесплатните курсеви по англиски и германски јазик и информатика за студенти и невработени, градоначалниот потсети и на неодамна објавениот оглас за субвенционирање на трошоци на комунални услуги за социјално загрозените граѓани.
– Вкупниот износ на субвенција ќе изнесува 600 денари месечно, за секој корисник на субвенцијата и ќе биде составен од следните четири компоненти: покривање на трошоците за потрошена вода за пиење до 250 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата; трошоците за одведување на отпад до 150 денари, трошоците за одведување на отпадни и атмосверски води до 150 денари и покривање на трошоците за плаќање на гробна такса-гробарина до 50 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата, рече Бакрачески.
Право да поднесат барање за субвенционирање на трошците за комунални услуги од Буџетот на општина Охрид, имаат лицата со статус на Корисник на социјална помош или корисник на постојана парична помош или невработен подолго од 12 месеци, а доколку корисникот е во брак, тогаш и неговиот брачен другар да е невработен.
Градоначалникот додаде дека овие мерки се само дел од активностите на локалната самоуправа за помош на социјално загрозените граѓани. За во наредниот период најави воведување на дополнителни мерки за помош по разни основи.