Исклучувањето на електричната енергија на ОУ „Григор Прличев“ и на ЈП “„Билјанини извори“ е последица на наследените проблеми, кои сегашната локалната самоуправа се обидува да ги реши, изјави градоначалникот Никола Бакрачески. Тој истакна дека општината Охрид има обезбедено средства да го подмири долгот на ОУ „Григор Прличев“ во висина од над половина милион денари, но пречка претставува блокираната жиро сметка на училиштето поради долг од 8 милиони денари по основ на експропријација на земјиште од 1989 година, за што постои судско извршно решение.
Бакрачески го обвини поранешното раководство на училиштето и минатата локална самоуправа, дека не презеле ништо за решавање на овој проблем.
-Во овој момент не се работи за немање на средства на сметка на локалната самоуправа или ОУ „Григор Прличев“ кои што ние ги добиваме наменски со блок дотациите и со кои што ние можеме да го исплатиме заостанатиот долг кон ЕВН Македонија, меѓутоа блокираната сметка не ни го озвозможува тоа бидејќи сметката на училиштето е блокирана за многу поголема сума отколку што ОУ „Григор Прличев“ должи за струја. Ние тие средства ќе можеме да ги исплатиме кога ќе биде одблокирана жиро сметката на училиштето. За разлика од минатато раководство ние на овој сериозен проблем кој се провлекува 25 години пристапивме многу поодговорно. Меѓу другото стапивме во контакт со доверителите и со нивниот адвокатски тим се со цел да изнајдме заеднчки прифатливо решение, со кое што ќе овозможиме сметката на ОУ „Григор Прлиечв“ да биде одблокирана и веднаш потоа ние да ги транферираме парите кон ова училиште, а тоа да ги подмири долговите кон ЕВН Македонија.-изјави Бакрачески.
Опозициската СДСМ денеска ја обвини локаланата самоуправа дека е одговорна за настанатата ситуација и дека наместо да ги решава ги зголемува проблемите во образованието, посочувајќи дека со предвидениот ребаланс на буџетот на општината се кратат средствата за комунални и режиски трошоци за 37% во основните и 13% во средните училишта.
Според градоначалникот Бакрачески, тоа е манипулација, со цел опозицијата да се амнестира од одговорност за долгот од 50 милиони евра кој претставува сериозен товар кој ја отежнува работата на сегашната локална самоуправа.
-Мислам дека тоа го прават се со цел да ја манипулираат јавноста и се обидуваат на некој начин да направат замена на тези со кои би ја намалиле одговорноста за сето тоа кабадахиско однесување 8 години наназад. Нема општина во Македонија, но и во поширокиот регион која има 50.000 жители, а толку висок долг како што е Охрид.-рече Бакрачески.
Долгот за неплатена ел. енергија на ЈП „Билјанини Извори“ изнесува над 8 милиони денари. Поради исклучената струја, одложени се тренинзите и другите активности на спортските екипи во спортската сaла, каде во петок треба да се одржи регионален саем за вработување.
-Се надеваме дека ќе се реши овој проблем, дека ќе го надминеме и очекувам вклучување на струјата уште во текот на утрешниот ден.-изјави директорот на ЈП „Билјанини извори Ристе Мишев.
Мишев истакна дека јавното претпријатие не ги сервисирало обврските кон ЕВН уште од самото основање и дека само генерирало долгови, кои сегашното раководство се обидува да ги подмири. Покрај кон доверителите јавното претрпијатие има долг и кон вработените на кои им должи три плати.
Г.М.