Градоначалникот Никола Бакрачески заедно со претставници од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици и командирот на сообраќајната полиција оствари средба со охридските такси превозници. На состанокот се разговараше за проблемите поврзани околу такси превозот и прекршоците, како што велат од локалната самоуправа, кои континуирано се повторуваат. На средбата стана збор и за воведување ред во паркирањето и запирањето на такси превозниците, односно за узурпацијата на јавен простор.
Од локалната самоуправа потенцираат дека законските измени кои се донесени мора да се почитуваат, а доколку се констатира прекршок за истите ќе следат санкции.
Во дискусијата се вклучија и такси превозниците со свои идеи и предлози за проблемите и со предлог решенија за промена на такси постојките. Сите забелешки и предлози ќе бидат елаборирани, разгледани и доколку некои од нив се добри и е возможна нивна реализација ќе се имплементираат што поскоро, се со цел до година да се воведе ред во оваа област.
Градоначалникот Бакрачески ги информира такси превозниците за законската обврска за познавање на англиски јазик и апелираше да ја искористат можноста, да се пријават на конкурсот за обука на англиски јазик кој го организира општина Охрид и бесплатно да се стекнат со потребното знаење и потврда за познавање на англиски јазик.
Од локалната самоуправа најавуваат дека ваквите средби во иднина ќе се организираат почесто со цел во наредната туристичка сезона да се подобри сликата за градот и да има ред во такси и линискиот сезонски превоз.
OhridNews