Одлуката на германскиот индустриски гигант “Костал“ да инвестира со свој производствен капацитет во Охрид е уште една потврда на приоритетните определби и силни напори на Владата и Локалната самоуправа да чекориме кон патот кој го трасиравме од самото добивање на мандатот од граѓаните, пат кон стопанско заживување на Охрид, пат кон подигање на локалната економија и креирање на нови работни места за локалното население и следствено на тоа пат кон сигурно подигање на стандардот на живеење во Охрид, рече на денешната прес конференција градоначалникот Никола Бакрачески.

– По “ОДВ Електрик“, онака како што ветивме и ве известувавме изминатите месеци и германски „Костал“ конечно доаѓа во Охрид. Компанијата „Костал“ е водечки извозник на технолошко – напредни производи од делот на електрониката, електромеханиката и мехатрониката за автомобилската и други сродни индустрии. Групацијата располага со 38 капацитети во 17 земји на 4 континенти, и глобално вработува дури 15 илјади луѓе. Инвестицискиот план на “Костал“ за Охрид, се поклопува со нашата локална стратегија за економски раст и развој на градот. Во фабриката на “Костал“ во наредните 2-3 години етапно, се очекува да бидат работно ангажирани над 1.000 работници и стручен кадар од разни профили, рече Бакрачески.

Тој додаде дека оваа инвестиција преку создавање на мрежа од локални компании – кооперанти и фирми добавувачи отвора сериозна можност , бројот на вработувања да биде многу поголем бидејќи намерата на компанијата е да ги искористи сите сродни локални капацитети и вештини за да ги задоволи потребите за успех.

– Во почетокот на 2015-та година почнува како браунфилд инвестиција во некој од веќе постоечките објекти во Охрид, за да после период од две години се трансформира во целосна гринфилд инвестиција во ТИРЗ Охрид- Струга.И двете инвестиции во областа на автомобилската индустрија, “ОДВ- Електрик“ кој веќе неколку месеци функционира во Охрид и сега “Костал“, повеќе од очигледно ветуваат сериозно стопанско воздигнување на Охрид, после долгиот 23 годишен период на дезинтеграција на стопанско -индустрискиот систем на градот, во кој со ретки исклучоци на рестартирање, беа затворени буквално сите производствени и стопански капацитети на градот а илјадници граѓани останаа без работа и можност за егзистенција, потенцира градоначалникот.

Бакрачески потенцира дека вработувањата во Охрид веројатно ќе бележат нагорна линија земајќи ја во предвид моменталната заинтересираност на уште една до две компании од областа на производство на трансформатори и далноводи, кои пројавуваат силен интерес за рестартирање на делови од охридски ЕМО.

– Реализацијата на проектот за изградба на индустриска развојна зона во “Мауцхер“ за која интерес пројавија неколку локални успешни компании кои сакаат да го прошират својот бизнис и своето производство, е факт кој треба сите да не радува и буди надеж дека Охрид сепак ќе биде место кое отвора широки можности за егзистенција на населението и запирање на трендот на иселување од градот.Борбата за стопанско заживување и отворање на нови работни места во Охрид е непрекината и продолжува понатака. Напорите кои ги правиме да обезбедиме поволности и створиме предуслови за развој на бизниси се подеднакво насочени како кон странските така и кон домашните стопанственици. Ние тука не правиме разлики, рече Бакрачески.

Градоначалникот го изрази своето цврсто убедување во своите капацитети и во капацитетите на својот тим во насока на исполнување и реализирање на дадените ветувања опфатени во изборната програма.

– Тука немам сомнеж и ги уверувам граѓаните на Охрид дека ќе биде така. Но, она што мене лично ме прави среќен е среќата на моите граѓани, на граѓаните на Охрид изразена преку обезбедување на нивната егзистенција со реализација на постојани вработувања, рече градоначалникот.

OhridNews