За месец дена ќе бидат објавени прецизни податоци околу најавената инвестиција во Охрид, започнување со работа на странска компанија за производство на делови за автомобилската индустрија која се очекува во текот на наредните две до три години да вработи 800 луѓе.  Градоначалникот Никола Бакрачески информира дека преговорите кои ги води владата и агенцијата за странски инвестиции се во финална фаза, а како што веќе беше најавено компанијата ќе функционира во дел од погоните на ЕМО- Охрид.

– Во тек се преговори со две компании, од  две странски држави, едната од европската унија и другата од соседството, кои се заинтересирани за рестартирање на целокупното производство на ЕМО Охрид. Во тек се преговорите, но сеуште е рано да се каже како ќе завршат преговорите, вели Бакрачески.

Тој додаде дека во наредниот период ќе се реализираат и активностите за изградба на четири луксузни хотели во Охрид.

Еден од нив, чија изградба е веќе започната, кај Инекс Горица на површина од 7000 метри квадратни. Во тек е и процедура за издавање одобрение за градба на хотел во близина на каналот Студенчишта, која ќе биде инвестиција на „Фибула“.

– Имаат намера да изградат хотел од висока категорија со голем капацитет, на површина од 25000 метри квадратни со 400 соби. Во близина е предвидена и изградба на уште еден хотел со 4 ѕвезди, а објавен е и тендер за продажба на земјиштето кај некогашната детска болница со цел таму да гради луксузен хотел, вели Бакрачески.

Тој додава дека изградбата на новите хотели во Охрид ќе биде силен импулс за развојот  на туризмот и локалната економија во градот.

OhridNews