Оваа летна сезона општина Охрид ќе има нулта толеранција за прекршителите на договорот за закуп на плажите, односно за прекршување на одредбите кои ги обврзуваат концесионерите, потенцира градоначалникот Никола Бакрачески.

Ќе има постојан инспекциски  надзор на плажите, односно нема да биде поштеден ниту еден концесионер кој нема да се придржува до договорот за користење на плажите.  Согласно потпишувањето на договорот ние можеме истиот еднострано да го раскинеме и да ја деактивираме банкарската гаранција  со оној концесионер кој не ги почитува одредбите пропишани во него, вели градоначалникот.

Бакрачески потенцира дека општинскиот инспекторат ќе биде ригорозен, односно ќе врши постојани контроли и во поглед на бучавоста, како и почитување на одреденото работно време на плажите.

По иницијатива на локалната самоуправа и општинскиот инспекторат, вчера, се одржа работна средба  на која што беа поканети сите концесионери на плажите на охридското крајбрежје. Беа присутни  и претставници на СВР- Охрид,Управата за јавни приходи, пазарниот инспекторат  и претставници  од  Црвен Крст , односно сите релевантни субјекти кои што имаат обврска да го регулираат  реализирањето  на дејноста на концесионерите кои ги зеле плажите под закуп.

Целта на состанокот беше да им се укаже на концесионерите на плажите на обврските кои што произлегуваат од договорот кој што го потпишуваат со Општина Охрид  околу начинот на уредување на плажите и делот на стопанисување на плажите се со цел  да се почитуваат сите членови од договорот и сите обврски кои произлегуваат од него во делот на уредување на плажите, запазување на површината која тие ја користат, во делот на соодветно поставување на урбаната опрема како и во делот на одржување на хигиената и безбедноста на плажата, обезбедување на спасители на вода , јавни тоалети, слободен интернет пристап и други обврски кои произлегуваат од договорот.

OhridNews