Населеното место Пештани за нас претставува еден од најзначајните брендови од туристичката понуда на град Охрид и во таа насока, локалната самоуправа во изминатата година презеде обврска да се средат некои од основните инфраструктурни проекти, со цел да го направиме ова населено место поатрактивно за гостите кои традиционално доаѓаат тука, изјави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кој денеска заедно со премиерот Никола Груевски, беше во посета на ова крајбрежно село.
Како што рече охридскиот градоначалник, во изминатиот период изграден е современ брег во должина од 200 метри, на потегот од рибниот ресторан до полициската станица, а потегот е хортикултурно уреден и осмислен.
„За таа цел, прво се изгради заштитен бетонски ѕид којшто е со длабочина од метар и половина под земја и два метра над, со што еднаш засекогаш се реши проблемот кој се создаваше со нарушување на брегот под дејство на силните бранови. Веднаш потоа, пристапивме кон изградба на современ брег, кој што е хортикултурно осмислен. Поставени се клупи и канти за отпадоци, да наликува онака како што има потреба едно туристичко место.“ – рече Бакрачески.
За идната година, Бакрачески најави дека ќе продолжи уредувањето на кејот, во правец кон населбата Лагадин.
„Наредната година продолжуваме со уредување на кејот, од рибниот ресторан во правец кон населбата Лагадин, се со цел Пештани да биде најатрактивно туристичко место не само во Охрид, туку и пошироко.“ – потенцира Бакрачески.
Тој потсети дека локалната самоуправа во изминатиот период ја асфалтирала улицата „Стевче Илоски“ со сите нејзини краци, како и две помали улички во центарот на Пештани.
OhridNews