Репрограмирање на долгот на Општина Охрид и градење стратегија за враќање на истиот, биле главните цели на лакалната власт во текот на изминатите осум месеци.

Градоначалникот Никола Бакрачески истакна дека со голем труд и посветеност новото локално раководство успеало да го намали долгот на општината.

-Не би спомнувал конкретни бројки со оглед на тоа што станува збор за динамичен процес кој се менува од ден на ден  затоа што ние во исто време преговараме, склучуваме договори за повлекување на извршните решенија, што автоматски значи намалување на долгот по основ на камати и основни долгови. Но во исто време враќаме долгови по однос на доспеани, а не тужени обврски. Преговараме и со оние компании кои што имаат судски спор со Општина Охрид за кои што немаме извршно решение односно судскиот спор не завршил. И секако тука се и секојдневните обврски кон кои е обврзана Општината, изјави  Бакречески.

Тој објасни дека Општината веќе започнала со редовно исплаќање на долговите кон оние компании со кои веќе потпишала договор за повлекување на извршните решенија.

-Постојано и редовно ги исплаќаме обврските кои што тековно на дневна основа пристигнуваат во Општината. Најважно за мене како градоначалник, а и за охриѓани е можноста  да се одблокира  општинската сметка, затоа што по основ само на камати долгот на Локалната  расте за 14 000 евра на ден, нагласи Бакрачески, додавајќи дека доколку не се одблокира сметката, овој долг тешко дека ќе може значително да се редуцира.

OhridNews