Градоначалникот Никола Бакрачески на втората по ред манифестација „ Охридска софра“ што ќе се одржи во сабота, 30- ти август , ќе ги покаже и своите вештини во готвењето. Заедно со водителката на емисијата „ Вкусот на традицијата“, Адријана Алачки, ќе подготви познат охридски специјалитет кој ќе може да го вкусат присутните во Скребатно.

Традиционално, на манифестацијата ќе се подготвуваат  традиционални јадења од охридскиот регион, а ќе може да се проба и од различните видови сирења, домашен мед, градинарски продукти и охридски специјалитети подготвени од студентите на ФТУ Охрид. Во рамките на манифестацијата ќе се одржи и натпреварувачката „Ѓомлезијада“, на која оваа година се пријавиле 24 учесници.

Подготовката на храна ќе започне во 9 часот изутрина, а процесот трае два часа. Следува официјаланиот дел на дегустација и оценување, односно доделување награди. Оваа година, наградниот фонд изнесува 20 000 денари, информра раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов.

Годинава, општина Охрид ќе ги откупи сите подготвени ѓомлезиња, а парите ќе бидат наменети за потребите на црковниот одбор од село Скребатно.

Организаторите најавуваат и интересна музичка програма со настап на познатата македонска етно група „Чалгија саунд систем“.

За заинтересираните граѓани, организиран е бесплатен превоз од Лескоец до Скребатно во 9 и 10 часот, со враќање по завршувањето на манифестација.

Настанот е во организација на општина Охрид, а под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија како дел од проектот „Топол културен бран“.

OhridNews