За да се препише нешто и направи копија, треба да постои оргинал. Оргиналот ниту јас, ниту граѓаните досега не го видовме. Можеби постои, но во овие 8 години не го најдовме. Нашата изборна програма е реална вредност и факт со кој настапуваме. Се што е во програмата прикажано, ќе се исполни. Се поставува прашање – ако програмата на противкандидатот постои, тогаш каде се проектите. За 8 години не ги видовме.  Според ветувањата за 8 години требаше да имаме 8 базени, 8 автобуски станици, 8 катни гаражи, зелени пазари и уште многу други работи, рече на денешната прес- конференцијата кандидатот за градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ, д- р Никола Бакрачески, коментирајќи ги обвинувањата од кандидатот за градоначалник од СДСМ, Александар Петрески, дека 90% од програмата на Бакрачески се проекти кои Петрески ги реализирал или пак најавил дека ќе ги реализира.


Како најзначајни проекти од областа на спортот, содржани во изборната програма, Бакрачески ги наведе изградбата на затворениот базен, терените за тенис во рамки на СРЦ „Атина Бојаџи“, спортските игралишта во Лескоец, Воска и Далјан.

– Веднаш по моето доаѓање на местото градоначалник, ќе пристапиме кон реализација на изградбата на долго ветуваниот затворен олимписки базен, изграден според сите меѓународни стандарди, со димензии 33 со 25 метри, што ќе овозможи реинкарнација на спортовите по кои некогаш Охрид беше препознатлив- пливањето и ватерполото. Ќе ја продолжиме традицијата на нашите предци во овие спортови и ќе овозможиме развој и унапредување на талентираните млади луѓе. Ќе придонесеме кон развој на спортскиот дух во градот, здравите навики, а истовремено базенот ќе биде местото каде ќе се рекреираат и дружат граѓаните, рече Бакрачески.

Затворениот базен е предвидено да се гради во рамки на Спортско рекреативниот центар „Атина Бојаџи“ со средства издвоени од државниот буџет.

Со општински пари во висина од 5 милиони денари е предвидена изградба на повеќенаменско, спортско игралиште во Лескоец, што ќе даде нова димензија во спортскиот и рекреативниот живот во селото.

– Спортски игралишта за одбојка и фудбал во песок ќе се градат и во населбите Воска и Далјан, со што ќе се овозможи овие населени места конечно да добијат рекреативни содржини и место каде жителите ќе се дружат , најавува Бакрачески.

Во изборната програма, предвидена е и изградба на двоен тениски терен во Спортско рекреативниот центар „Атина Бојаџи“, за што е предвидено од општинскиот буџет да се издвојат 6 милиони денари.

Како што потенцира д- р Бакрачески, свесен е за долговите кои ги има општината, но потенцира дека зад него стои тим од екперти со чија помош, се прават стратегии за репрограмирање на долговите на општината.

Т. К.