Градоначалникот Никола Бакрачески, на новинарско прашање поврзано со синоќешната јавна расправа на тема „Дали зголемената урбанизација го уништува Охридското Езеро“ одговори дека тоа што се случило вчера е еден несериозен пристап за организација на јавна расправа кој има многу сериозна тема.
-Во текот на вчерашниот ден се случи една многу несериозна организација на настан на кој стана збор за многу сериозна тема каква што е урбанизацијата на Охрид. Ова го велам од причина што се организира настан во кој најповиканите луѓе за урбанизација на градот, почнувајќи од Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште при Локалната самоуправа и останатите стручни служби, па дури и ресорното Министерство при Владата на Република Македонија, не беа доволно консултирани за конципирање на програмата и концептот на одржување на еден ваков сериозен настан. Урбанизацијата на Охрид како град со заштитено културно и природно наследство на УНЕСКО е премногу сериозна тема за да се пристапи толку несериозно, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Градоначалникот Бакрачески истакна дека во Охрид во изминатите неколку години имаше период во кој се случила најголемата урбана девастација на градот, се случило урбано дивеење и токму во тој период не е организирана ниедна сериозна трибина со ваков наслов или вакви тематски содржини.
-Колку што се сеќавам, во тој период на урбано дивеење во Охрид не беше организирана ниедна сериозна трибина со еден ваков наслов или со вакви тематски содржини. Доколку тогаш ги имаше тие трибини на некој начин ќе се стопираше тој урбан хаос од кој последиците сите ние ги доживуваме денес, додаде градоначалникот Бакрачески.
Тој нагласи дека Локалната самоуправа е секогаш отворена за учество на вакви настани, доколку постои сериозен пристап.
–Ние сме секогаш отворени и како Градоначалник и како Локална самоуправа да учествуваме во една поширока организација за формирање на програмата, на концептот, на темите, да вклучиме експерти од областа на урбанизмот, градежништвото, екологијата и животната средна каде што ќе има една искрена и реална дебата, дебата која ќе почива на факти и докази на научни сознанија, а не вака градоначалникот на Охрид како најповикан за урбанизацијата да биде поканет на само еден ден пред одржувањето на дебатата, без да му се достави концепт на содржината на тоа што ќе се дебатира и за што ќе се разговара. Премногу несериозно, пак ќе заклучам, за една сериозна тема како што е урбанизацијата на Охрид, заврши градоначалникот Бакрачески.
OhridNews