Градоначалникот Никола Бакрачески присуствува на 10-та Регионална конференција на  Организацијата на градови со светско – историско наследство што од 29 април до 2 мај се одржува во градот Кутна Хора во Чешка.

Претставници од  четриесеттина европски земји  кои доаѓаат од  градови со специфични  светски значајни, културно- историски белези расправаат на теми од областа на  рекламирањето  и развој на претприемништвото  во заштитените  делови од градовите. Учесниците на меѓународната средба   ги изнесуваат своите искуства и проблематики од оваа област и укажуваат на неопходноста од задолжително носење и спроведување на закони и регулативи на локално и државно ниво за рекламирање односно поставување на знаци , тенди, прегради, пречки на патот, чадори, соларни генератори  и друг рекламен материјал  во историските делови на градовите ,согласно препораките на УНЕСКО.

–    Оваа конференција е организирана на највисоко ниво се со цел да ги имплементираме заклучоците од оваа конференција. Ние како општина сме подготвени да иницираме дури и законски измени со што ќе придонесеме за поцелосна заштита на старото градско јадро  во Охрид . Имплементирањето  на заклучоците за нас е важно затоа што тоа е во рамките на препораките  на   УНЕСКО. Ние како општина сериозно сме  заинтересирани да ја регулираме оваа проблематика се со цел во иднина да бидеме и поатрактивна  туристичка дестинација, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.

Учеството    на оваа конференција  овозможува размена на искуства со градовите кои веќе ја имплементирале законската регулатива во оваа област.

OhridNews