По барање на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, вчера, во Париз во седиштето на УНЕСКО, се реализираа низа средби поврзани со заштитата на Охрид и Охридското Езеро.
На првата средба градоначалникот и директорот на МЈП Проаква Томе Паскалоски, имаа воведна средба со Мицхтелд Росслер- Директор на одделот за наследство и Директор на центарот за светско наследтво и нејзините соработници одговорни за западен Балкан. При тоа, од страна на градоначалникот беше потенцирано од колкава важност за Охрид е рехабилитацијата и надградбата на колекторскиот систем околу езерото. Директорката Росслер беше детално запознаена со резултатите од студијата на ЏАЈКА и во делот на оштетувања на системот и во делот за рехабилитација и надградба на истиот. Претставниците од УНЕСКО активно се вклучија во делот на разгледување на сите аспекти за изнаоѓање на можности и механизми за изнаоѓање на оптимално решение на проблемот.
Вториот состанок се одржа со Генералниот Директор на УНЕСКО- Ирина Бокова и нејзините најблиски соработници. Бокова ја искажа нејзината восхитеност од Охрид и Охридското Езеро и изрази подготвеност и одлучност за лично залагање и лобирање кај одредени моќни меѓународни финансиски институции пред се и Светска Банка, со цел решавање на ова значајно прашање за Охрид.
На средбата беше договорено средбите со претставниците на УНЕСКО и локалната самоуправа да продолжат во февруари во Охрид.