Градоначалникот на Општина Охрид заедно со тим од секторот за ТЛЕР, денес, во Прага одржа презентација на туристичката понуда на Охрид пред тур оператори од Чешката Република, како и пред новинари од специјализирани списанија и магазини за туризам и останати медиуми.
– Градот Охрид и Охридското Езеро се под заштита на УНЕСКО. Вистински раритет претставува изјавата на светската научна заедница дека овој град има историја од 7000 години континуирано организиран живот . Со тоа како човечката заедница,Охрид е еден од најстарите градови во светот. Доказите за цивилизациите кои живееле на ова тло ги има во повеќе од 250-те археолошки локалитети во градот и наоколу. Ние сме биле и се’ уште сме дел од Европа. Од тука од Охрид, словенската култура и писменост започнала да се шири наоколу. Свети Кирил и Методиј со своите следбеници светите Климент и Наум создале вредни дела кои оставиле неизбришливи траги во историјата и на овој дел од Европа. Свети Клементовата школа на хуманизмот станува камен-темелникот во развојот на културните вредности на стариот континент. Ние може да ви понудиме различни начини за да дојдете во нашиот град. Ќе се чувствувате како да сте родени таму, без разлика дали доаѓате за само неколку дена, или во подолг временски период. Сигурни сме дека ќе сакате да дојдете повторно и да ја почувствувате убавината и духот на античкиот Охрид, рече пред присутните градоначалникот Никола Бакрачески.
По презентацијата гостите имаа можност да вкусат традиционална македонска храна и вино.
Посетата на Прага е дел од активностите за промоција на Охрид како туристичка дестинација. На настанот беа присутни и претставници на поголемите хотели и туристички агенции од Охрид.
OhridNews