Добро е што вчера Претседателот на СДСМ, Зоран Заев направи барем обид за конструктивен пристап во решавање на катастрофалната состојба во која СДСМ ја оставија општина Охрид, иако за тоа имаше можност изминатите 8 години да влијае врз неговите партиски другари кои ја водеа општината, за да не дојде до ваква тешка финансиска и материјална состојба,изјави на денешната прес конференција градоначалникот Никола Бакрачески, коментирајќи ги вчера изнесените изјави на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за време на неговата посета на Охрид.
Како што рече градоначалникот, наместо претседателот на СДСМ да предизвикува заблуди меѓу граѓаните, можел претходно да побара точни информации од надлежните општински служби, со цел да се прикаже реалната состојба на општина Охрид.
– Вкупната сума на долговите на општината , на крајот на 2005 година, кога Александар Петрески беше градоначалник на Охрид, сметководствено изнесувала 1.4 милиони евра. На крајот на 2006 година, за само година и пол од мандатот на Петрески, долгот на оптшината нараснал на 4,1 милион евра. Општинската сметка не е блокирана пред десет години, туку токму на крајот на 2006. Долговите на општина Охрид по основ на изградба на колекторкиот систем за заштита на Охридското езеро, во тоа време изнесувале околу 2,2 милиони евра, а не 10,5 милиони евра. СДСМ и Петрески во април , општина Охрид ја оставија со долг од 33 милиони евра , во кој не влегуваат обврски по основ изградба на колекторски ситем за заштита на Охридското езеро, рече Бакрачески.
Градоначалникот уште еднаш потсети за висината на пристигнатите извршни судски решенија од 14 милиони евра и дневна камата од околу 14 илјади евра.
– Екс градоначалникот Општината ја затекнал со долг од 1,4 милиони евра, а ја остави со долг од 33 милиони евра, администрацијата од 52 вработени која ја зголеми на 266 лица. Ете затоа, политиката на СДСМ и нивниот поранешен градоначалник, имаат цунами ефект за општина Охрид. Катастрофалната финансиска состојба со која се соочува Охрид, во најголем дел е продуцирана во 8 годишниот период на управување на СДСМ со општината, и тоа се долгови кон голем број субјекти кои немаат побарување по основ на изградба на колекторски систем за заштита на Охридското езеро, изјави градоначалникот Бакрачески.
Бакрачески додаде дека минатата локална самоуправа наместо да ги сервисира општинските обврски и домаќински да управува со парите на граѓаните, за осум години од општинскиот буџет исплатила над 8 милиони денари за гориво за службените општински автомобили, 17 милиони денари за службени патувања и над 27 милиони денари за репрезентација.
OhridNews