Кошаркарите на Водњански Лисици се покажаа тврд орев за охридскиот состав и ги намачија охриѓани да стигнат до петтата победа сезонава во Втората кошаркарска лига. Гостите лесно можеа и да ги однесат бодовите од Охрид, ако ја задржаа разликата од десет поени стекната во првото полувреме.

Со агресивна и ангажирана игра во вторите дваесет минути охриѓани го заддржаа стопостотниот ефект на домашен терен и ја израдуваа охридската публика.

– Се навикнавме на вакви инфракт завршници, во кои за среќа излегуваме како победници. Имам голема замерка за кошаркарите кои во мечот со Водњански Лисици влегоа опуштено, но тоа им се удри од глава и затоа беше таа негатива по првиот дел. После паузата на теренот ситуацијата драстично се промени, момчињата заиграа ангажирано без никаков респект што не одведе до петти триумф сезонава –
истакна тренерот на охриѓани, Весна Балазоска.

Кошаркарот и тренерот на гостите и поранешен член на АМАК СП, Софкоски потенцираше – Победата на домашниот состав целосно е заслужена. Притисокот во вториот дел од охридските кошаркари си го направи своето. На нас ќе ни остане да ги поправиме грешките од овој меч за да бидиме подготвени за наредните предизвици.

Мх.П.