Од утре до недела, 23 август, ќе се одржи осмиот Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ во организација на Здружението за литература и култура „Мацково” од Охрид.

Свеченото отворање е закажано за утре во 11 часот, во ЦОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец. На кампот ќе учествуваат млади литературни надежи од Македонија, Албанија, Србија и Бугарија.

По отворањето и културно-уметничката програма, учесниците ќе положат цвеќе и ќе оддадат почит пред вечното почивалиште на Ванчо Николески во Алејата на заслужните при Градските гробишта во Охрид. Предвиден е и прием во Општина Охрид.

Во сабота, 22 август, учесниците ќе ја посетат НУ Библиотека „Григор Прличев“, каде ќе се запознаат со нејзината дејност. Професорот д-р Павле Митрески ќе одржи предавање за животот и делото на Михаило Пупин, со посебен осврт на неговите македонски, односно вевчански корени и неговата донаторска дејност.

Во вечерните часови ќе ги разгледаат знаменитостите на старото градско јадро на Охрид, а во КИЦ „А. Ден Долард“ ќе следат предавање посветено на холандскиот автор кој во светот го промовирал Охрид, меѓу другото и преку култниот роман „Свадба во Охрид“.

Последниот ден, 23 август, манифестацијата се сели во Дебрца. По приемот во Белчишта кај градоначалникот на Општина Дебрца, учесниците ќе ја посетат Галеријата „Ѓорѓија Целески“, а потоа ќе заминат во Црвена Вода, родното село на Ванчо Николески.

Пред неговата родна куќа ќе им бидат доделени сертификатите за учество, по што ќе ја посетат Спомен-собата на писателот и поставката посветена на НОВ и антифашистичката револуција. Мештаните ќе приредат и традиционален македонски ручек.

До учесниците специјални посланија упатија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и Мајо Даниловиќ, претседател на Одделот за целиот словенски свет при Светската академија на поезијата при УНЕСКО.

Манифестацијата се одржува со финансиска поддршка на Општина Охрид и Општина Дебрца.

OhridNews